Foursquare е сервис за социјално вмрежување базаран на јавно споделување на физичка локација на која се наоѓаат неговите корисници. Сервисот нуди преглед на места/локали обележани од други корисници, со помош на GPS и Google Maps. Под места (тука наречени Places или Venues) се подразбира секое кафуле, бар, клуб, дискотека, продавница, сендвичара, ресторан, кафеана итн. Кога ќе посетите некое место (дали ќе купите нешто или ќе седнете на пијачка), апликацијата ви покажува каде сте на мапата и нуди можност да направите Check In (чекирање, пријавување) со што се отвораат повеќе опции за користење.

Апликацијата работи исклучиво на мобилен телефон, и е достапна на Apple iOS, Android, Blackberry и другите оперативните системи за паметни мобилни телефони (Palm, Ovi и Windows Phone). Дополнително, сите информации се прикажани и на корисничкиот панел, на кој можете да пристапите преку веб-прелистувач каде ќе ја прегледате целосната историја на посетените места, вашите пријатели и нивните посети, значки, Mayorships (градоначалнички места), бодови итн.
Трка за градоначалник
За да станете Mayor, односно градоначалник на некое место треба да имате повеќе посети од било кој друг во последните 60 дена. Тоа е титула која може да ја има само еден човек и се губи ако некој друг ги надмине тие посети.
Беџови
Беџовите се посебен дел од сервисот, а функционираат како достигнувања во вид на игра. Можете да добиете беџ за 10, 25 или 50 различни посети, 30 посети во еден месец, итн. Беџовите се добиваат за посети на различни места, кои се додадени во различни категории. Посетете ја листата на Foursquare беџови за да ги проверите сите активни беџови и начинот на кој може да ги добиете.
Кога ќе направите Check In, можете да изберете дали сакате да го споделите тоа со вашите Foursquare пријатели или пак на социјалните мрежи Facebook и Twitter. Исто така, за секое место има информации кој е присутен во моментот, локација на Google Maps како и Tips (совети).

Препораки
Препораките (Tips) се напишани од луѓе кои биле на тоа место и сакаат да искажат нешто во врска со него. Дали е тоа совет за добро јадење во ресторан или искажување незадоволство од услугата, оваа опција отвара можности инстантно да дознаете за позитивните или негативните карактеристики на едно место, а воедно и за промовирање на локалните бизниси.
Ако сте излезени на прошетка и сакате да знаете каде има најевтини пијалаци или пак највкусен стек, Foursquare нуди можност за преглед на локалните совети околу вашата позиција, со што многу ќе ви го олесни изборот.